Burç Eruygur
30 Октомври 2026•Ажурирано: 30 Октомври 2026
Туркменистанскиот претседател Сердар Бердимухамедов денес повика на поголема економска соработка меѓу туркиските држави, истакнувајќи дека нивниот „огромен економски потенцијал“ нуди значителни можности за развој, јавува Анадолу.
Обраќајќи се на 13. самит на Организацијата на туркиските држави (ОТД) во главниот град на Турција, Анкара, Бердимухамедов рече дека неговата земја придава особено значење на зајакнувањето на врските со другите туркиски народи и ја смета организацијата за важна платформа.
„За ова ефикасно да се искористи, неопходно е дополнително да се унапреди соработката во секторите како што се енергетиката, транспортот, комуникациите, индустријата, земјоделството, градежништвото, текстилната индустрија, преработката на суровини и другите области на економијата“, рече тој.
Бердимухамедов ја истакна потребата од зголемување на капацитетот на Средниот коридор, наведувајќи дека Туркменистан е подготвен да ја искористи инфраструктурата на пристаништето Туркменбаши, на брегот на Каспиското Море, за поддршка на оваа иницијатива.
Тој, исто така, ја потврди посветеноста на својата земја кон меѓународната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и борбата против климатските промени.
Претседателот ја нагласи важноста од проширување на врските меѓу ОТД и ОН, истакнувајќи дека поблиската соработка би помогнала во остварувањето на целите за одржлив развој, градењето меѓународна доверба, зајакнувањето на економските односи и справувањето со хуманитарните и еколошките предизвици.
Бердимухамедов изрази уверување дека самитот во Анкара ќе утврди нови области за соработка меѓу земјите членки и ќе ја забрза реализацијата на заедничките иницијативи.