Amir Latif Arain
22 Јули 2026•Ажурирано: 22 Јули 2026
Уште 13 лица загинаа, а над триесет се повредени во Североисточен и Северозападен Пакистан во изминатите 24 часа, а силните врнежи од дожд продолжуваат да предизвикуваат хаос низ регионот, изјави официјален претставник денес, јавува Анадолу.
Со новите жртви бројот на загинати се искачи на 28 оваа недела.
Најмалку осум лица загинаа, а 37 се повредени во различни делови на североисточната покраина Пунџаб во несреќи предизвикани од дождот, главно уривање на покриви и давење, изјави во соопштение Мухамад Фарук, портпарол на Службата за спасување 1122 на Пунџаб.
Смртните случаи се пријавени од областите Гуџранвала, Пакпатан и Сахивал, каде што обилните врнежи ги поплавија патиштата, оштетија куќи и откорнаа дрвја и столбови за струја.
Според локалната телевизија Гео њуз, еден смртен случај е забележан во областа Гуџрат.
Четири лица од едно семејство загинаа откако се урна покривот на куќата поради силниот дожд во племенскиот округ Јужен Вазиристан во северозападната покраина Хајбер Патунхва.
Националната управа за управување со катастрофи издаде предупредување на национално ниво за опасности од буични поплави, урбани поплави, лизгање на земјиштето и зголемување на водостоите на реките низ Пакистан до петок.