Michael Hernandez
12 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ВАШИНГТОН (АП) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес присуствуваше на комеморацијата по повод годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година, порачувајќи им на оние кои ќе сакаат да им наштетат на САД, дека нивните напори се залудни, јавува Anadolu Agency (AA).
„Терористите кои нè нападнаа мислеа дека ќе можат да влеат страв и да го ослабнат нашиот дух, но Америка не може да биде заплашена, а оние што се обидуваат наскоро ќе се приклучат на долгата листа поразени непријатели кои се осмелија да го тестираат нашето трпение“, рече Трамп на церемонијата во Пентагон.

„Америка не потклекнува, Америка не се колеба, и ние никогаш нема да потклекнеме", додаде тој.
Пред церемонијата, тој одржа едноминутно молчење заедно со првата дама Меланија Трамп во Белата куќа, во сеќавење на загинатите.

САД беа погодени од најсмртоносниот напад на американско тло, кога оперативците на Ал Каеда влетаа со авиони во Светскиот трговски центар во Њујорк, и во Пентагон во северна Вирџинија. Четвртиот авион се урна во Пенсилванија кога патниците се обиделе да ги совладаат киднаперите.
Тој авион најверојатно летал кон Белата куќа или кон Капитол Хил.
Во нападите загинаа речиси 3.000 лица.
Трамп истакна дека оние што загинале не заминале залудно, и им порача на нивните најблиски дека нацијата жали заедно со нив.

„Секој жив во Америка жали за секој живот земен на тој ден“, рече Трамп. „Иако ние никогаш не ќе можеме да ја избришиме вашата болка, или да ги вратиме оние што ги изгубивте, ние можеме да ја почитуваме нивната жртва со ветување дека ќе сториме се што е потребно за да го заштитиме нашиот народ“.
Зборувајќи подоцна на местото на падот на четвртиот авион на „United Flight 93“, потпретседателот Мајк Пенсе се присети на денот кога беше член на Конгресот и кога му било кажано дека авион се наоѓал на 12 минути од Капитол Хил.
„Тоа беа најдолгите 12 минути од мојот живот“, рече тој на комеморативната церемонија во Шенксвил, Пенсилванија. „Но, дојде 13. минута, потоа 14., а потоа бевме известени дека авионот паднал на поле во Пенсилванија.
Претходно во Њујорк, најмалку 1.000 луѓе се собраа на меморијалното место каде што се случија нападите на 11 септември во Менхетн, кога точно во 8:46 часот по локално време се огласи звоното, точното време кога авион на „American Airlines“ се сруши во Северната кула на Светскиот трговски центар.
Второто ѕвоно одекна во 9:03 часот по локално време за да го одбележи моментот кога авионот на „United Airlines“ удри во Јужната кула. Одѕвонувањето беше пропратено со уште четири други одзвонувања кои ги означија нападите на Пентагон, падот во Шенксвил и моментот кога се срушија Северната и Јужната кула од Светскиот трговски центар.