Servet Günerigök
24 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, за време на средбата со јужнокорејскиот претседател, Мун Џае Ин, рече дека Соединетите Американски Држави (САД) не размислуваат за наметнување санкции кон Северна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Двајцата лидери се состанаа на маргините на 74. заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Не размислувам за преземање акции. Ние се согласуваме многу добро со Северна Кореја. Имам добар однос со Ким Џонг Ун. Воопшто не размислуваме за преземање акции“, рече Трамп.
Доналд Трамп и Ким Џонг Ун неочекувано во февруари го прекинаа својот втор самит во Ханој, Виетнам. Тоа беше последна средба на двајцата лидери.
Во април, двајцата лидери рекоа дека сакаат да одржат и трет самит.
Првиот самит беше одржан во јуни 2018 година во Сингапур.
Трамп е првиот американски претседател кој се состанал со државен лидер на Северна Кореја.
„Ќе го кажам ова: Доколу јас не бев претседател, вие ќе бевте во војна со Северна Кореја“, изјави Трамп и додаде: „Ќе видиме што ќе се случи. Можеби ќе бидеме во можност да склучиме договор“.
Од Белата куќа се соопштува дека Трамп на средбата со јужнокорејскиот лидер разговарал за комуникацијата со Ким.
Американскиот претседател „е уверен дека претседателот Ким ќе ги исполни обврските преземени за време на историските самити во Сингапур и Ханој“.
„Претседателот Трамп и претседателот Мун ја потврдија својата заложба да продолжат со блиска комуникација во наредните месеци“, рече портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли.