Muhammed Yasin Güngör
16 Април 2026•Ажурирај: 16 Април 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа изјави дека лидерите на Израел и Либан ќе разговараат денес, за прв пат по приближно три децении, јавува Анадолу.
„Се обидуваме да создадеме малку простор меѓу Израел и Либан, помина долго време откако двајцата лидери разговарале, околу 34 години. Тоа ќе се случи утре“, напиша Трамп на својата социјална платформа „Трут сошал“.
Објавата следуваше по состанокот во вторникот во Стејт департментот на кој присуствуваа либанската амбасадорка Нада Хамаде и израелскиот амбасадор Јехиел Лајтер, чиј домаќин беше државниот секретар Марко Рубио, заедно со американскиот амбасадор во Либан, Мишел Иса, советникот во Стејт департментот, Мајкл Нидам, и амбасадорот на САД во Обединетите нации, Мајк Валц.
Хезболах немаше претставници на состанокот.
Израел ги продолжи нападите во јужен Либан по прекуграничниот напад на Хезболах на 2 март, и покрај прекинот на огнот што стапи на сила во ноември 2024 година.
Либанските здравствени власти соопштија дека повеќе од 2.000 луѓе се убиени, а повеќе од 1 милион се раселени од март досега.