Arif Yusuf,Safiye Karabacak
31 Мај 2016•Ажурирај: 01 Јуни 2016
АНБАР (АА) - Во екот на операциите на ирачките сили за ослободување на Фалуџа, терористите на ДАЕШ киднапираа и во непознат правец однесоа најмалку 100 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на еден од сунитските племиња во Фалуџа, Маџид Ал Јасири, за АА рече дека група од околу 120 терористи на ДАЕШ со 20 оклопни возила вршела претрес на зградите во центарот на градот и притоа заробиле најмалку 100 млади луѓе кои потоа се однесени во непознат правец.
„Младите луѓе се заробени бидејќи немале брада. Терористите грубо ги навредувале цивилите во текот на претресот и ги обвинувале дека се кукавици бидејќи не го поддржуваат отпорот на ДАЕШ”, кажа Јасири.
Здружените елитни единици на ирачките сили на 23-ти мај започнаа операција за ослободивање на Фалуџа која од летото 2014 година е под контрола на ДАЕШ.
Пред почетокот на акцијата отворени се коридори за евакуација на цивилите од тој град, но терористите ги минираа патните правци со што го спречија најголемиот дел од населението да го напушти тоа подрачје. Ирачките сили вчера од три страни влегоа во градот, а терористите на ДАЕШ поради губењето на првиот фронт вршат напади и малтретираат цивили во градот.
Ирачките власти тврдат дека водат сметка за животите на цивилите и дека тоа е воедно и најголемата кочница зошто Фалуџа не е ослободена. Од министерството за миграции е соопштено дека во изминатите неколку дена од Фалуџа се евакуирани најмалку 574 фамилии и згрижени се во северните делови на провинцијата Анбар.