Ata Ufuk Şeker
06 Декември 2016•Ажурирај: 07 Декември 2016
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на Организацијата на северно-атлантскиот договор (НАТО), Јенс Столтенберг изјави дека решавањето на кипарското прашање не е предуслов за интензивирање на соработката меѓу НАТО и ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Брисел денес се одржува заседание на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, а непосредно пред почетокот на седницата, на новинарите им се обрати првиот човек на воениот сојуз, Столтенберг, и изјави дека за време на дводневното заседание најмногу ќе се говори за безбедносните прашања.
Истакнувајќи ја неопходноста од јакнење на врските меѓу САД и Европа, Столтенберг изјави дека интензивирањето на односите меѓу НАТО и ЕУ е едно од составните сегменти на тој процес, и додаде дека на тој план се направени многу отстапувања.
„Во јули оваа година е потпишана заедничка декларација за соработка меѓу НАТО и ЕУ. Денес, на министерскиот состанок, ќе донесеме одлука таа декларација да ја претвориме во конкретни активности”, изјави Столтенберг и додаде дека денес ќе се состанат и со европската комесарка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
Столтенберг изјави дека денес ќе бидат одобрени 40 предлози за јакнење на соработката на НАТО и ЕУ во седум области. Тој додаде дека министерскиот состанок ќе биде продолжен утре, кога на дневниот ред ќе биде ситуацијата во Украина и Авганистан.
На прашањето на новинар во однос на кипарското прашање како можен двигател на планот за јакнење на соработката меѓу НАТО и ЕУ, Столтенберг изјави дека тоа прашање не е предуслов за соработка на двете организации.
„Позитивно ги оценувам напорите кои ОН ги вложува во процесот на решавање на кипарското прашање. За време на преговорите во Кипар направен е напредок, но сè уште е рано да се зборува за конечниот резултат. Меѓутоа, односите на НАТО и ЕУ треба да се јакнат без оглед на решавањето на кипарскиот проблем”, изјави Столтенберг.
Во рамките на министерската конференција на НАТО, во Брисел ќе се одржат низа билатерални средби, а шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, треба да оствари средба со колегите од САД, Велика Британија, Шпанија, Холандија, Литванија и Украина.