Servet Günerigök
01 Април 2022•Ажурирај: 02 Април 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американските државјани треба веднаш да ги напуштат Русија и Украина, соопшти Стејт департментот, повикувајќи се на можноста за апсење од страна на руски безбедносни службеници, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ги предупредуваме американските граѓани дека руските владини претставници во Русија и Украина би можеле да ги издвојат американските граѓани врз основа на нивната националност“, изјави портпаролот Нед Прајс на прес-конференција.
Неговата изјава дојде еден ден откако агенцијата издаде препорака до Американците да не патуваат во Русија, бидејќи земјата „може да ги издвои и задржи американските граѓани во Русија“.
„Нашите ажурирани препораки за патување сега ги одразуваат таквите информации. Повторуваме дека сите граѓани на САД во Русија и Украина треба веднаш да заминат“, додаде Прајс.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции против Москва и поттикна затворање на светските компании во Русија.
Најмалку 1.232 цивили се убиени, а 1.935 се ранети во војната на Русија во Украина, според проценките на Обединетите нации, бројки што најверојатно се многу поголеми.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4 милиони Украинци побегнале во неколку европски земји, а милиони се раселени во границите на земјата.