Diyar Güldoğan
27 Октомври 2022•Ажурирај: 28 Октомври 2022
АНКАРА (АА) – Развојот на односите меѓу Туркије и Израел ќе го олесни изнаоѓањето решенија за спорните прашања, изјави денеска турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Веруваме дека зголемувањето на нашата билатерална соработка и дијалог, исто така, ќе го олесни решавањето на одредени прашања за кои имаме несогласувања, особено за Палестина“, рече Акар на прес-конференцијата со израелскиот колега Бени Ганц во Анкара.
Посетата на Ганц на Туркије е значајна поради тоа што е прва посета на израелски министер за одбрана во повеќе од една деценија.
„Туркије и Израел се важни актери во нашиот регион. Истовремено, Туркије и Израел имаат сериозни односи и заеднички вредности, и историски и културолошки“, истакна Акар и додаде:
„Би сакал да нагласам дека како Туркије, развојот на нашите односи и соработката со Израел, особено во областите како одбраната, безбедноста и енергетиката, ќе доведе до важен развој на регионалниот мир и стабилност, и ќе даде значителен придонес.“
„За време на продуктивниот состанок“, истакна турскиот министер, „многу јасно ги изразивме барањата на нашата политика, прашањата поврзани со нашата политика, нашите мислења, оценки и сензитивни прашања“.
Акар рече дека во текот на оваа посета, со Ганц размениле мислења и за она што може да се направи во однос на понатамошниот развој на стабилноста, соработката и безбедноста во регионот.
Туркије и Израел во последните две години преземаат чекори за нормализација на заладените односи, а во август, земјите се согласија да ги обноват целосните дипломатски врски и повторно да именуваат амбасадори и генерални конзули по четиригодишна пауза.