Barry Eitel
12 Октомври 2016•Ажурирај: 12 Октомври 2016
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Фејсбук, Твитер и Инстаграм им обезбедуваат податоци за демонстрантите на спроведувачите на законот во земјата преку програмата за следење на социјалните медиуми, истакнува Американската унија за граѓански слободи (АЦЛУ) во извештајот објавен вчера, јавува Anadolu Agency (AA).
На софтверот „Геофидија“ (Geofeedia) му беше овозможен пристап до податоците на корисникот, со цел да се следат активностите на демонстрантите во Балтимор, Фергусон, Мисури, и на други места. Истата демографска информација користена од страна на маркетинг компаниите и рекламните агенции потоа е пренесувана на 500 агенции за спроведување на законот. Податоците, инаку според содржината подетални од она што корисниците го дозволуваат за јавност, се искористени за идентификување на активисти во антирасистичките протести во неколку градови.
Извештајот е објавен вчера, од страна на Мет Кејгл, адвокат за технолошки и граѓански слободи и политика на АЦЛУ во Северна Калифорнија.
„Следењето на социјалните медиуми се шири брзо и е моќен пример за технологиите за надзор кои можат несразмерно да влијаат врз 'обоените заедници'“, пишува Кејгл. „Со користењето на аналитичкиот софтвер ‘Геофидија’ и пребарувачките способности, како и следењето на препораките во нивните маркетинг материјали, спроведувачите на законот во места како Оукленд, Денвер и во Сиетл можат лесно да ги идентификуваат населбите каде што живеат 'обоени' луѓе, да ги следат хаштаговите користени од страна на активистите и нивните истомисленици, или да идентификуваат групи на активисти како 'отворени закани'. Ние со сигурност знаеме дека во Оукленд и во Балтимор, спроведувачите на законот го користат ‘Геофидија’ за следење на протестите“.
Како одговор на извештајот на АЦЛУ, Твитер и Фејсбук соопштија дека ќе го прекинат посебниот пристап до „Геофидија“.
„Врз основа на информациите во извештајот на АЦЛУ, ние веднаш го прекинуваме комерцијалниот пристап на ‘Геофидија’ кон податоците на Твитер“, истакна Твитер преку соопштение.
Фејсбук, кој е фирма сопственик на Инстаграм, соопшти дека социјалните мрежи ја прекинале врската со системот „Геофидија“ поради тоа што тој не ги корисел податоците за маркетинг цели.
Додека повеќето корисници на социјални медиуми се свесни дека јавно споделуваат одредена количина податоци, од АЦЛУ велат дека се загрижени оти корисниците не се свесни колку компаниите како „Геофидија“ може да ги искористат социјалните мрежи за податоци и информации, како што е локацијата, преку паметниот телефон на корисникот.