Gizem Nisa Çebi Demir
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Состанокот зад затворени врати одржан претходно оваа недела меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се сведе на жестока размена на мислења, при што еден европски официјален претставник го опиша како „ништо друго освен тирада навреди“, објавија американските медиуми, пренесува Анадолу.
„Политико“ објави дека на средбата, која се одржа завчера, биле изразени продлабочените тензии на Северноатлантската алијанса во врска со конфликтот во Иран.
За време на средбата во Белата куќа, Трамп ја изразил својата фрустрација, критикувајќи ги европските сојузници поради одбивањето да ги поддржат акциите на САД и Израел против Иран.
„Сè отиде по ѓаволите“, изјави еден официјален претставник за „Политико“.
„Разговорот не беше ништо друго освен низа навреди.“
Изворите додадоа дека Трамп, исто така, „очигледно се заканувал дека ќе направи речиси сè“, сугерирајќи можни одмазди.
Официјални лица запознаени со разговорот велат дека Трамп извршил притисок врз сојузниците да помогнат во повторното отворање на Ормускиот Теснец, иако официјален претставник на Белата куќа негираше какви било формални барања, изјавувајќи:
„Како што рече претседателот Трамп, НАТО беше ставен на тест и тие не успеаја. Тој во овој момент нема никакви очекувања од НАТО и не побара ништо од нив.“
Земјите на НАТО, пак, посочуваат дека Трамп ја започнал војната во Иран без да се консултира со нив и дека немало напад врз САД што би го активирал механизмот за колективна одбрана на Алијансата.
- Сојузниците нудат ограничена поддршка бидејќи НАТО избегнува акција -
Трамп подоцна ги засили своите критики на неговата социјална платформа „Чрут сошал“ (Truth Social), пишувајќи:
„НАТО не беше таму кога ни беа потребни, и нема да бидат таму ако ни затребаат повторно. Сетете се на Гренланд, тоа големо парче мраз со кое лошо се управува!!!“
Членките на Алијансата изразија шок минатата година кога Трамп ги интензивира своите барања Данска – членка на НАТО – да му ја отстапи својата територија Гренланд на САД, при што претседателот понекогаш сугерираше дека може да се употреби и сила.
НАТО го активираше Членот 5 за колективна одбрана само еднаш, по терористичките напади врз САД во 2001 година.
Руте ги призна тензиите од оваа недела, но ја поддржа размената на ставови како конструктивна.
„Го почувствував неговото разочарување поради фактот што тој сметаше дека премногу сојузници не се со него“, рече Руте за време на обраќањето во Вашингтон.
Европските лидери, во меѓувреме, сигнализираа условна поддршка по прекинот на огнот.
Фридрих Мерц изјави дека Германија би можела да помогне во обезбедувањето на пловидбата по воспоставувањето на мирот, додека Фабиен Мандон рече дека Франција разгледува „строго дефанзивни“ опции.
Џон Хили додаде дека Велика Британија нема итни планови за понатамошни активности.
Дипломатите на НАТО во Брисел објавија дека по состанокот не се донесени оперативни одлуки, додека Руте се обидуваше да увери дека Алијансата останува недопрена.
САД и Иран во вторникот вечерта соопштија одлука за двонеделен прекин на огнот, со посредство на Пакистан, како чекор кон можен поширок договор за прекин на конфликтот што го започнаа Вашингтон и Тел Авив против Техеран на 28 февруари.
Во неговите два непоследователни претседателски мандати, Трамп отворено изразуваше презир и потценување кон НАТО, и во бројни наврати зборуваше за можно напуштање на Алијансата.