Diyar Güldoğan
19 Август 2026•Ажурирано: 19 Август 2026
Турција денес се спротивстави на тврдењата на Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во врска со Сирија, наведувајќи дека изјавите имаат цел да ги оправдаат „незаконските“ израелски воздушни напади врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија, јавува Анадолу.
„Несериозните обвинувања изнесени од Кабинетот на израелскиот премиер имаат цел да ги легитимираат незаконските израелски воздушни напади насочени кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија“, се наведува во соопштението на Дирекцијата за комуникации на Турција.
Соопштението е дадено откако Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека Израел и Сирија се согласиле да одржуваат статус кво во безбедносните прашања, но тврдеше дека Сирија е „на раб да го прекрши (договорот) со тоа што ќе дозволи распоредување на турски војници во воздухопловна база во близина на Алепо“.
Претходно вчера израелски воени авиони извршија осум воздушни напади врз пистата на воениот аеродром „Абу ал-Духур“ во северозападната сириска покраина Идлиб, при што беше предизвикана штета на неговата инфраструктура.
Анкара соопшти дека обвинувањата што се изнесуваат произлегуваат од намерата на Нетанјаху да ги продолжи своите „експанзионистички и дестабилизирачки политики“ во регионот во пресрет на изборите во Израел.
„Како и огромното мнозинство од меѓународната заедница, Турција се залага за траен мир во нашиот регион. Единствен начин да се постигне тоа е Нетанјаху да се откаже од своите агресивни и присилни политики и да го почитува меѓународното право“, се вели во соопштението.
Анкара, исто така, ја потврди својата посветеност на соработката со сириската Влада за промовирање на мирот, стабилноста и просперитетот во Сирија.
„Турција одлучно ќе продолжи да соработува со сириската Влада на легитимна основа, со цел воспоставување мир, стабилност и просперитет во Сирија и никогаш нема да дозволи дестабилизација на Сирија“, се додава во соопштението.