Muhammet İkbal Arslan
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Мишел Абс, генерален секретар на Советот на црквите на Блискиот Исток (MECC), изјави дека чинот на израелскиот војник што ја вандализираше статуата што го симболизира Исус Христос во Јужен Либан не бил неочекуван.
„Ова не го гледаме како неочекувано или чудно однесување бидејќи војникот за кој станува збор ѝ припаѓа на Влада што тврди дека води света војна заснована врз таканаречени свети текстови“, истакна Абс денес во писмениот одговор до Анадолу во врска со инцидентот во градот Деир Серјан во Јужен Либан, кој е под израелска окупација.
„Очигледно е дека тој чувствува анимозитет кон христијанските симболи, но ова не е првпат да се случуваат вакви инциденти. Со сомнение посакуваме ова да биде последен пат“, додаде тој.
Абс ја нагласи важноста од одвојување на политиката од религијата, предупредувајќи дека употребата на религијата во политиката, вклучително и во воени времиња, претставува опасен тренд со непредвидливи последици.
Коментирајќи ги извештаите дека израелската Влада се извинила за постапките на војникот, Абс рече дека таквиот потег бил неопходен за Влада што сака да се прикаже како посветена на меѓународното хуманитарно право и човековите права. Тој додаде дека иако тоа можеби е „паметен потег, сепак не е противтежа на минатото исполнето со свирепи дејства“.
„Војната е показател за лудилото на човештвото“, рече Абс, додавајќи дека војните може да се избегнат со промовирање култура на мир и љубов низ целиот свет преку борба против демонизацијата и говорот на омраза.
„За нас, Христовата љубов е лек за болното човештво“, наведе тој во изјавата.
Фотографиите споделени на социјалните мрежи покажуваат израелски војник како со секира уништува статуа на Исус во Деир Серјан, место оддалечено 5-6 километри од границата во Јужен Либан.
Израелската армија ја потврди автентичноста на снимките и соопшти дека е почната истрага.
Засега не се соопштени информации за тоа кога точно се случил инцидентот, додека постапките на војникот против верскиот симбол предизвикаа жестоки реакции во јавноста.