Вулканските карпи во рацете на грнчарите се претвораат во садови за трпезата
- Благодарение на природната цврстина што ја обезбедува вулканската структура, грнчарските производи не бараат глазирање и се испраќаат како до купувачите во Турција, така и во странство
Cengiz Kılınçaslan
30 Јули 2026•Ажурирано: 30 Јули 2026
photo: Cengiz Kılınçaslan / AA
МАНИСА
Вулканските карпи во границите на Глобалниот геопарк на УНЕСКО во округот Салихли во турскиот град Маниса се обработуваат со грнчарската традиција што се пренесува од генерација на генерација и се претвораат во издржливи глинени садови и тави, пишува Анадолу.
Мажите од населбата ги носат вулканските карпи извадени од подрачјето на геопаркот до домовите, каде што се мелат во машини за дробење и се претвораат во прав. Добиениот камен прав се меша со глина извадена од речните корита, при што се подготвува материјалот за обликување.
Жените, кои на работните маси во дворовите на своите домови ја обликуваат глината, го изработуваат грнчарскиот прибор и тавите. Мажите се задолжени за фазите на печење и продажба. Благодарение на природната издржливост и сјајот што го дава вулканската структура, производите дополнително не бараат процес на глазирање.
Фотографија : Cengiz Kılınçaslan/AA
Во населбата со население од 1.830 жители, грнчарските производи се главен извор на приходи за 25 домаќинства. Преку трговците, тие се испраќаат во различни градови низ Турција, како и во странство. Особено пред Курбан бајрам, побарувачката на производите значително се зголемува.
Грнчарката Емине Танѓуч, која околу 30 години го продолжува занаетот што го научила во семејниот дом, за Анадолу изјави дека и покрај тешкиот процес на производство, тие со љубов ја извршуваат својата работа.
Нагласувајќи дека грнчарството е наследство кое со векови го одржуваат жените во населбата, Танѓуч рече дека во секој сад што го обликуваат со своите раце има голем труд и трпение.
Фотографија : Cengiz Kılınçaslan/AA
Таа посочи дека рано наутро седнуваат на работните маси и дека продолжуваат да работат со сите сили за да го пренесат овој традиционален занает на идните генерации и покрај сите тешкотии.
Наведувајќи дека егзистенцијата ја обезбедуваат од овој занает, Танѓуч рече:
„Нека даде Господ бериќет, си го вадиме лебот и живееме од ова. Имаме тешка работа, но сме задоволни со нашата состојба. Продажбата генерално е редовна, но во периодите пред Курбан бајрам побарувачката дополнително се зголемува.“
Друга искусна мајсторка од населбата, Сабрије Балкан, истакна дека веќе 30 години се занимава со овој занает и дека производството бара голем труд.
Вулканските карпи во рацете на грнчарите се претвораат во садови за трпезата