Ekipa
26 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
ИДЛИБ (АА) - Најмалку шест цивили се убиени, а 12 се ранети во нападите што руските сили ги извршија на подрачјето на деескалациската зона во Идлиб во северозападниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Опозициските извори јавуваат дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, и неговите сојузници, руските сили, од утринава извршуваат жестоки напади на подрачјето на покраините Идлиб и Латакија.
Локалната цивилна заштита „Бели шлемови“ соопшти дека во нападите на руските сили во селата Бсакла, Мааретирме и Кафр Сеине се убиени најмалку шест, а ранети се 12 цивили.
Истиот извор јавува дека поголем број објекти се уништени и дека се стравува оти билансот на загинати би можел да се зголеми.
Во Идлиб, кое е упориште на сириската опозиција, живеат околу четири милиони жители и интерно раселени, кои се цел на постојани режимски напади.
Со посредство на Турција и Русија, во Сочи на 17 септември 2018 година, е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од тој регион, а силите лојални на режимот на Асад не ги спречија артилериските и воздушните напади во тој регион.