Mustafa Keleş
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) – Светската здравствена организација (СЗО) побара да се преземат мерки на претпазливост за 12 бактерии кои се отпорни на постоечките антибиотици и претставуваат сериозен ризик за човековото здравје, јавува Anadolu Agency (AA).
СЗО користи нов пристап во групирањето на бактериите што покажуваат отпорност на лекарствата, утврдувајќи го степенот на ризик.
Степенот на ризик според приоритетот на потребата е поделен во три категории, и тоа: критичен, висок и среден критериум.
Во категоријата бактерии со критичен приоритет се ставени оние бактерии што носат ризик, особено во болниците и во домовите за стари лица. Се истакнува дека овие бактерии можат да бидат причина за смртоносни инфекции.
Класифицирајќи ги бактериите според овие критериуми, организацијата планира да им го посочи патот на оние што се занимаваат со развивање на лекови.
Помошникот директор на СЗО, Мари-Пол Киени, во врска со оваа тема даде писмена изјава во која истакна дека расте отпорноста на бактериите на антибиотици. „Забрзано се трошат опциите за терапија. Доколку овој домен го оставиме целосно на актерите на пазарот, нема да може навреме да се развијат антибиотиците од кои имаме итна потреба“, рече Киени.
Во соопштението се нагласува дека здравствените експерти од државите Г-20 оваа недела ќе се сретнат во Берлин, а главната цел е да ги охрабрат владите да дадат поддршка во развојот на листата на нови антибиотици, како и за инвестициите во оваа област.