Servet Günerigök
21 Мај 2019•Ажурирај: 22 Мај 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Свршеницата на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги изјави дека американскиот Конгрес може да дејствува против Саудиска Арабија поради убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“ (The Washington Post) во наредниот период.
Во интервју за Anadolu Agency (АА) во Вашингтон, каде што присуствуваше на состанокот на поткомитетот на Конгресот за убиството на нејзиниот свршеник, Хатиџе Џенгиз рече дека многу американски парламентарци не биле задоволни од одговорот на САД во врска со ужасното убиство.
Џенгиз се запознала со Кашоги на конференција во Истанбул во 2018 година, а по извесен период Кашоги ја побарал за сопруга, со планови да се преселат во Вашингтон.
Но сè се промени во почетокот на октомври минатата година, кога Кашоги замина во саудискиот Конзулат во Истанбул за документи за склучување брак со Џенгиз.
Откако влегувa во Конзулатот, Кашоги подоцна е и убиен. По неколкуте искази за тоа што се случило, саудиските власти на крајот признаа дека тој починал таму, но вината за тоа ја ставија врз операцијата за неуспешен обид за предавање.
„Во врска со ова има неколку ставови во Конгресот, како што се [усвојување] резолуција и [наметнување] санкции. Тие би можеле да се случат во времето што следува. Добив сигнали во оваа насока за време на моите состаноци во Конгресот“, истакна таа.
„Многумина ми кажаа дека ставот на САД во врска со овој случај не е задоволителен. Бидејќи убиството е против вредностите што ја прават Америка она што е. Ние треба да го поправиме тоа“, рече Џенгиз.
Во четвртокот Ченгиз упати молба до Конгресот за нова меѓународна истрага за убиството.
Таа ги критикуваше ставовите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за убиството на Кашоги, велејќи пред поткомитетот за надворешни работи дека не е сторено сѐ што треба за пронаоѓање на одговорните за убиството.
„САД можат да започнат меѓународна истрага во рамки на Конгресот, што беше наше барање. Судскиот процес во Турција е во застој. Не можеме да одиме понатаму. Ако има меѓународна истрага, веруваме дека ќе произлезат поефективни резултати“, рече таа.
- „Човечка должност“ -
Хатиџе Џенгиз потенцира дека е должност на човештвото да се расветли убиството.
„Се најдов себеси во неверојатно голем инцидент. Додека живеев многу скромен живот, се случи да сум сведок на големо убиство“, изјави таа за АА.
„Ова е човечка должност, всушност, морална должност. Дури и ако тоа не беше Џамал, туку некој друг, она што човек треба да го стори е да го одбрани своето право“, рече таа.
Официјалната саудиска верзија за смртта на новинарот е пречекана со меѓународен скептицизам, како и строга критика од американските парламентарци кон тоа дека убиството на Кашоги можело да било извршено без експлицитна согласност на саудискиот принц Мухамед бин Селман.
Но Трамп и неговите високи функционери отфрлија каква било улога на Селман во убиството.
Дури и разузнавачката служба на Трамп со голема сигурност утврди дека Бин Селман го наредил убиството на новинарот.
Џенгиз рече дека можело да има малку поголема реакција доколку некој друг, а не Трамп, бил на претседателската функција.
„Трамп го откри ставот заштитувајќи ја Саудиска Арабија. Многумина од демократите и републиканците со кои се сретнав во Конгресот не беа многу задоволни од ставот на администрацијата.“„
Секој [што го сретнав] во Конгресот чувствува срам во врска со тоа. Тоа го почувствував“, вели таа.
Џенгиз порача дека и понатаму е позитивна, и дека во блиска иднина ќе има одредени чекори.
„Јас стојам овде како жртва, а не како политичар. Со цел да го одбранам лицето чии права се прекршени, интензивно ќе ги истражам законите. Тоа е мојата следна цел“, заклучи таа.