свет

Самитот ЕУ–Западен Балкан го потврди „целосниот и јасен ангажман“ кон перспективата на регионот за членство во ЕУ

- „Го потврдуваме нашиот целосен и јасен ангажман кон перспективата на Западен Балкан за членство во ЕУ. Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето е реална можност што мора да ја искористиме“

Abdulbesar Ademi  | 18.12.2025 - Обновена : 18.12.2025
Самитот ЕУ–Западен Балкан го потврди „целосниот и јасен ангажман“ кон перспективата на регионот за членство во ЕУ

СКОПЈЕ (AA) - По завршувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан, одржан во Брисел, во заедничката декларација беше наведено дека денешниот самит претставува „доказ за цврстите темели“ и најдобра можност за повторна потврда на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан, пренесува Анадолу.

Заедничката декларација, која содржи 21 точка, беше усвоена од лидерите на европскиот блок и земјите членки, во консултација со партнерите од Западен Балкан, но без учество на Србија, која, како што се наведува, не се согласила со декларацијата.

„Го потврдуваме нашиот целосен и јасен ангажман кон перспективата на Западен Балкан за членство во ЕУ. Иднината на Западен Балкан е во ЕУ и проширувањето претставува реална можност што треба да се искористи“, се наведува во декларацијата.

Во декларацијата се нагласува дека клучот за градење заедничка иднина се инклузивната регионална соработка, помирување и добрососедски односи, и се осврнува на Северна Македонија за спроведување на меѓународните договори, вклучувајќи го Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

„Потребни се дополнителни и решителни напори за поттикнување на помирувањето и стабилноста во регионот, како и за изнаоѓање и спроведување конечни, сеопфатни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања на партнерите, вкоренети во наследството од минатото“, се повикува во декларацијата.

Меѓу прашањата опфатени во заедничката декларација беше истакнат и недостатокот на нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, што, како што беше наведено, и понатаму ги „попречува“ двете земји на нивниот пат кон Европа.

„Сите договори постигнати во дијалогот Белград–Приштина, со посредство на ЕУ, мора да се спроведат, особено Договорот за патот кон нормализација и неговиот Анекс. Поддршката во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан е условена од конструктивниот ангажман на партнерите, со мерлив напредок и опипливи резултати во нормализацијата на нивните односи“, се вели во декларацијата.

Понатаму, во заедничката декларација беше истакната и руската агресија врз Украина и непоколебливата поддршка за Украина, при што проширувањето на блокот беше оценето како геостратешка инвестиција во мир, безбедност и стабилност, како и поддршката на ЕУ за Западен Балкан во справувањето со кибер, хибридни закани и странски мешања.

Исто така беше соопштено дека Планот за раст се очекува да го забрза економскиот развој, со до 6 милијарди евра за реформи и инвестиции во Западен Балкан, а беше нагласено и дека управувањето со миграцијата, според заклучоците од самитот, „останува заеднички предизвик“ и бара „усогласување на визните политики и зајакнување на граничната контрола“.

„Ја нагласуваме важноста на континуираните заеднички напори во стратешката комуникација, вклучително и придобивките од проширувањето и постепената интеграција, како и потребата од градење доверба, меѓусебно разбирање и општествен консензус“, се наведува во заклучокот на заедничката декларација.

Следниот самит меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе се одржи во јуни 2026 година во Црна Гора.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.