Seyit Şamil Kurt
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Администрацијата на Трамп размислува за преместување на американските трупи од земјите членки на НАТО, за кои смета дека не пружиле доволно поддршка за време на војната со Иран, објави „Еј-би-си њуз“, пренесува Анадолу.
Соединетите Американски Држави (САД) ги разгледуваат плановите за намалување или преместување на американските трупи од некои земји членки на НАТО, кои се оценети „како бавни“, и дека немаат доволно волја да ги поддржат нивните операции за време на вооружениот конфликт со Иран, изјави претставник на американската администрација, се наведува во објавата.
Официјалниот претставник рече дека предлогот би вклучувал преместување на американските трупи од земјите за кои сметаат дека пружаат помала поддршка во однос на оние што обезбедиле поголема помош за време на конфликтот, се додава.
Нема доволно информации за тоа дали има напредок во дискусиите или кои конкретни земји би можеле да бидат засегнати доколку планот се спроведе.
Ваквите размислувања следуваат по критиките од високи американски официјални претставници во врска со ограничувањата за користење на заедничките воени бази во Европа за време на конфликтот.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, ја доведе во прашање логиката на распоредување американски трупи во сојузничките земји доколку оперативниот пристап е ограничен.
Прашањето за поддршка од сојузниците беше покренато и од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој рече дека некои земји членки првично биле бавни во одговорот, делумно поради неочекуваната природа на војната.
Сепак, тој нагласи дека европските сојузници на крајот одиграле клучна улога во овозможувањето на американското дејствување.
Руте, исто така, ја истакна пошироката стратегиска вредност на НАТО, опишувајќи ја Алијансата како суштинска не само за европската безбедност, туку и за одбраната на САД.
„И НАТО е таму, се разбира, да ги заштити Европјаните, но и да ги заштити Соединетите Американски Држави“, рече тој.
Трамп во повеќе наврати изрази фрустрација од одговорот на НАТО на конфликтот во Иран.
Во објава на „Чрут сошал“ (Truth Social) по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во средата, тој напиша:
„НАТО не беше таму кога ни беше потребен, и тие нема да бидат таму ако повторно ни затребаат“.
Претходно, портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, за новинарите изјави дека Трамп смета тоа за НАТО „беше тест и падна на испитот“ за време на војната во Иран.
„Мошне е тажно што НАТО му сврти грб на американскиот народ во текот на последните шест недели, кога токму американскиот народ е тој што ја финансира нивната одбрана“, рече таа.
Непријателствата во регионот ескалираа откако САД и Израел на 28 февруари започнаа заеднички напади врз Иран, во кои беа убиени и повредени илјадници луѓе.
Вашингтон и Техеран во вторникот вечерта ја соопштија одлуката за двонеделен прекин на огнот со цел да се отвори патот кон постигнување конечно решение за ставање крај на војната.