Elvir Hocic
23 Ноември 2017•Ажурирај: 24 Ноември 2017
ПАРИЗ (АА) - Француското обвинителство во Ница подигна обвинение против уапсениот руски сенатор и милијардер Сулејман Керимов, кој се товари за перење пари и за затајување данок, пренесува Anadolu Agency (AA).
Керимов е уапсен во понеделникот, на аеродромот во Ница, на ривиерата на Азурниот Брег, а апсењето предизвика остри реакции од Москва.
„Можам да потврдам дека е подигнато обвинение“, изјави државниот обвинител во Ница, Жан-Мишел Претр, за руската новинска агенција ТАСС.
Претр, исто така, соопшти дека Керимов бил пуштен на слобода, откако му биле изречени мерки на забрана и со платена кауција.
„На Керимов привремено ќе му биде одземен пасошот и ќе има забрана да ја напушти покраината Приморски Алпи додека не се заврши истрагата. Исто така, ќе мора да плати кауција во износ од пет милиони евра и не смее да комуницира со лица од листата што не можат да ја објават“, изјави обвинителот Претре.
Членот на Советот на Руската Федерација, односно на Горниот дом на рускиот Парламент, Керимов, приведен е во понеделникот вечерта, на аеродромот во Ница. Официјална Москва реагираше и му порача на официјален Париз дека Керимов е сенатор и оти како таков има дипломатски имунитет.
Француското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Керимов може да се повика на дипломатски имунитет само во случаи на официјални посети, а дека конечната одлука за тоа ќе ја донесе надлежниот истражен судија.
Вредноста на имотот на бизнисменот и сенаторот Керимов е проценета на 6,3 милијарди долари, а според листата на Форбс, тој се наоѓа на 21. место на најбогатите руски бизнисмени.