Ali Cura
22 Март 2021•Ажурирај: 23 Март 2021
МОСКВА
Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека од страна на Соединетите Американски Држави не е прифатен предлогот за онлајн средба на рускиот претседател Владимир Путин со американскиот претседател Џо Бајден, со кого пред некое време настана тензија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава дадена од Министерството се наведува дека САД не го поддржуваат барањето на Путин да се сретне со Бајден на 19 или 22 март преку видеоконференција за да се разговара за натрупаните билатерални проблеми и прашањата за стратешката стабилност.
„Во руско-американските односи, испуштена е уште една друга можност да се најде излез од ќор-сокакот создаден од грешката на Вашингтон. Одговорноста за ова е целосно на САД“, се вели во соопштението на руското Министерство.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во врска со можноста за средба Путин - Бајден, рече: „Денес средбата не е во плановите. Како што разбрав, американската страна не е подготвена.“
- Тензијата меѓу Бајден и Путин
Американскиот претседател Бајден на 17 март, истакнувајќи дека Путин е „убиец“, рече дека Русија „ќе ја плати цената“ за мешање во изборите во САД.
Од друга страна, рускиот претседател Путин на Бајден му посака „добро здравје“ и рече: „Оценувањето на другите држави, нации или поединци е исто како да гледаш во огледало. Таму секогаш можеш да се видиш себеси.“
Путин му понуди на Бајден да разговараат во живо преку интернет.