Burç Eruygur
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
Кремљ денес соопшти дека Русија ги презема сите неопходни мерки за ублажување на влијанието од украинските напади со беспилотни летала врз нејзината територија, јавува Анадолу.
„Нападите со беспилотни летала продолжуваат. Се преземаат соодветни мерки за ублажување на последиците“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за време на брифингот за новинарите.
Тврдејќи дека Украина моментно се наоѓа во „многу тешка“ положба, Песков оцени дека сегашната политика на Киев „не е насока за преговори“ и дека ситуацијата на фронтот наскоро ќе стане „катастрофална“ за украинската страна.
Песков изјави дека рускиот претседател Владимир Путин редовно се информира за сите напади со беспилотни летала и дека Русија ќе продолжи да гаѓа цели во Украина.
Зборувајќи за можноста за преговори со европските земји, Песков рече дека обидите за преговори со Русија преку уцени и сила, не водат никаде.
„Европејците имаат длабока заблуда: претпоставуваат дека преговорите со Русија треба да се водат од позиција на сила и врз основа на наводна слабост на Русија. Ова е сериозна грешка, дали тоа произлегува од европската некомпетентност, дезинформации или глупост - не знаеме со сигурност, но тоа е факт“, додаде Песков.
Сепак, тој рече дека контактите меѓу Русија и ЕУ се неопходни од аспект на здравиот разум, за да се разговара за големиот број прашања што се на дневен ред.
„Би било добро тие да се запознаат со реалната состојба, вклучително и во украинскиот конфликт“, додаде портпаролот на Кремљ.
Вчера Русија потврди дека во текот на ноќта соборила 555 украински беспилотни летала над повеќе региони.
Украина тврдеше дека за време на нападите ја погодила рафинеријата за нафта во Москва, што во посебна изјава го потврди и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.