Elena Teslova
17 Ноември 2023•Ажурирај: 18 Ноември 2023
МОСКВА (АА) - Русија ги испрати првите количини од своето ветено бесплатно жито за Африка, соопшти денес рускиот министер за земјоделство, јавува Анадолу.
„Првите два брода со по 25.000 тони руска пченица веќе ги напуштија руските пристаништа за Сомалија и Буркина Фасо. Очекуваме да пристигнат кон крајот на ноември или почетокот на декември“, изјави Дмитриј Патрушев на меѓународната изложба „Русија“ во Москва.
Тој рече дека до крајот на годината на континентот ќе бидат испратени околу 200.000 тони бесплатно жито.
Патрушев истакна дека наскоро ќе заминат и бродовите за Централноафриканската Република, Еритреја, Мали и Зимбабве.
Претходно годинава, Русија одби да го продолжи договорот за транспорт на жито преку Црното Море, договор постигнат со посредство на Туркије и ОН за осигурување безбеден премин на украинските земјоделски производи од нејзините јужни пристаништа на Црното Море. Договорот помогна да се спречи растот на цените и да се олесни светската криза во храна.
Москва соопшти дека нејзините барања, како што е вклучувањето на државната Руска земјоделска банка во меѓународниот платен систем СВИФТ, не биле исполнети.
Поради тоа, вети дека ќе испрати бесплатно жито во шест африкански држави.