Lina Altawell
20 Април 2026•Ажурирај: 20 Април 2026
Закажаното рочиште во рамките на кривичниот судски процес против премиерот Бенјамин Нетанјаху, предвидено за денес, е одложено поради „безбедносно-дипломатски” причини, со што се одложува и неговото појавување на обвинителната клупа, објави „Ерусалим пост“, пренесува Анадолу.
Судиите во Окружниот суд во Ерусалим вчера донесоа одлука наместо премиерот, да сослушаат друг сведок на одбраната, со што се одложи неговото појавување на обвинителната клупа. Според наводите на весникот, неговото појавување пред судот сега е малку веројатно пред почетокот на следната недела.
Обвинителите се спротивставија на овој чекор, со аргумент дека освен во случај на итни и неизбежни безбедносни потреби, Нетанјаху треба да го усогласи неговиот распоред со распоредот на судот. Како што пренесува „Ерусалим пост“, тие го нагласија јавниот интерес за напредокот на случајот особено за финализирање на неговото вкрстено испрашување.
Случајот и понатаму е во фаза на вкрстено испрашување во рамките на сведочењето на Нетанјаху. Како што се наведува во веста, Нетанјаху за прв пат се појави на обвинителната клупа во декември 2024 година, а обвинителството започна со неговото вкрстено испрашување во јуни минатата година, по претходно одржани 36 рочишта предводени од одбраната.
Судскиот процес во голема мера е фокусиран на „Случајот 4000”, кој се заснова на наводи за доделување на регулаторни погодности во замена за позитивно медиумско известување, обвинувања кои Нетанјаху во целост ги отфрла, додава весникот.
Нетанјаху се соочува со обвиненија за примање поткуп, измама и злоупотреба на доверената функција во три предмети познати како „Случај 1000“, „Случај 2000“ и „Случај 4000“. Обвинителството ги поднесе обвинителните акти за овие предмети во ноември 2019 година.
„Случај 4000“ опфаќа наводи дека Нетанјаху иницирал регулаторни одлуки во корист на Паул Елович, поранешен сопственик на новинскиот интернет-портал „Вала” и поранешен извршен директор на телекомуникациската компанија „Безек”, во замена за позитивно медиумско известување.
Покрај судскиот процес за корупција, Меѓународниот кривичен суд во ноември 2024 година издаде налог за апсење на Нетанјаху под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.