Rabia İclal Turan
09 Април 2021•Ажурирај: 11 Април 2021
БРИСЕЛ
Принцот Филип, војводата од Единбург, сопругот на британската кралица Елизабета Втора, почина на 99-годишна возраст, известува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го даде Бакингемската палата се наведува дека принцот Филип починал во замокот Виндзор.
Принцот Филип на 16 февруари беше префрлен на лекување во болницата „Кралот Едвард VII“.
Во соопштението се наведува дека на принцот Филип му било соопштено дека неговата болест не е поврзана со новиот вид коронавирус (Ковид-19), дека ќе остане во болницата неколку дена и ќе се лекува од инфекција.
Принцот Филип по операцијата на срцето бил отпуштен, но по извесно време повторно бил пренесен во болницата „Кралот Едвард VII“, а неговото лекување завршило на 16 март, по 28 дена изминати во болница.
- Животот на принцот Филип
По раѓањето на 10 јуни 1921 година, на Филип му е доделена титулата принц на Данска и принц на Грција.
Иако е роден во Грција, по револуцијата во Грција, додека сѐ уште бил бебе, прогонет е заедно со неговото семејство.
По школувањето во Франција, Германија и Англија, Филип на 18-годишна возраст, во 1939 година ѝ се приклучил на Британската кралска морнарица.
Филип со принцезата Елизабета, сегашната кралица, се запознал во 1934 година. На Филип, кој во периодот на Втората светска војна беше дел од медитеранската и пацифичката флота, по војната му беше дозволено да се ожени со принцезата Елизабета.
Откако пред церемонијата на веридбата во 1947 година се откажа од титулата принц на Данска и принц на Грција, Филип стана британски државјанин и го зеде Маунтбете, презимето на неговата мајка и дедо. Принцот Филип и принцезата Елизабета се венчаа на 20 ноември 1947 година.
Непосредно пред венчавката, кралот Џорџ VI на Филип му ги дал титулите Војвода од Единбург, Ерл од Мерионет и Барон од Гринвич. По смртта на кралот Џорџ VI, принцезата Елизабета во 1952 година стана кралица. Филип ја напушти Армијата, во која достигна ранг на командант и во 1957 година ја доби титулата принц на Велика Британија.
Кралскиот брачен пар доби четири деца, Чарлс, Ана, Ендрју и Едвард. Принцот Филип, кој не ја остави кралицата Елизабета сама за време на нејзиниот речиси 69-годишен мандат на тронот, секогаш беше покрај кралицата, каде и таа да одеше.
Во периодот кога имаше потешкотии околу разбирањето за улогата на кралските семејства во Европа поради нивниот традиционализам, принцот Филип за повеќето Британци беше фигура на кралското семејство која несомнено беше почитувана.
Принцот Филип беше високо ценет во јавноста. Тој беше покровител или претседател на повеќе од 800 добротворни организации и институции, посветувајќи ѝ особено внимание на науката, технологијата и зачувувањето на дивиот свет.