Melike Pala
10 Март 2026•Ажурирај: 11 Март 2026
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Евроскиот совет, Антонио Коста, денес изјави дека слободата и човековите права на иранскиот народ не може да се постигнат преку бомби, нагласувајќи дека меѓународното право мора да претставува темел за заштита на фундаменталните права, јавува Анадолу.
Коста, говорејќи на Конференцијата на евроамбасадорите во Брисел, истакна дека Европската Унија стои зад „долго трпеливиот народ на Иран“ и го поддржува неговото право сам да ја одредува сопствената иднина.
„Ние веруваме дека човековите права и слободи мора да бидат почитувани, но тие не може да се постигнат преку бомби. Само меѓународното право ги одржува“, изјави тој.
Осврнувајќи се на пошироката ситуација на Блискиот Исток, Коста повика на воздржаност и предупреди на натамошна ескалација, истакнувајќи дека заштитата на цивилите и обезбедувањето на нуклеарната сигурност се од суштинско значење.
Исто така, Коста укажа на глобалните импликации од конфликтот, забележувајќи дека нарушувањата, како што е блокадата на Ормускиот Теснец, може да предизвикаат сериозни економски последици.
„Засега во оваа војна има само еден победник: Русија. Стекнува ресурси за финансирање на сопствената војна против Украина, во екот на растот на цените на енергентите”, вели тој.
„Остварува приход од пренасочувањето на воените капацитети што инаку би можело да бидат пратени за поддршка на Украина и извлекува корист од намаленото внимание кон украинскиот фронт додека конфликтот на Блискиот Исток го зазема централното место“, додаде Коста.
- „САД го предизвикуваат меѓународниот поредок заснован врз правила“ -
Коста истакна дека ЕУ мора активно да соработува со меѓународната заедница за да ги заштити принципите вградени во Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право.
„Во наш интерес е да обезбедиме светот да остане заснован врз правила и соработка. Во наш интерес е да избегнеме натамошна светска фрагментација“, нагласи тој.
Тој предупреди дека за новиот мултиполарен свет потребни се мултилатерални решенија наместо сфери на влијание, каде што политиката на моќ го заменува меѓународното право.
„Ние ја знаеме новата реалност. Реалност во која Русија го нарушува мирот, Кина ја попречува трговијата, а Соединетите Американски Држави го предизвикуваат меѓународниот поредок заснован врз правила“, посочи тој.
Коста, исто така, призна дека ЕУ понекогаш се мачи брзо да реагира на кризите, но рече дека блокот мора да учи од минатото искуство.
„Свесен сум колку понекогаш може да биде предизвикувачки да се постигне навремен заеднички став. Меѓутоа, ние требаше да научиме значајни лекции, како што е потребата брзо да се реагира на итни ситуации, како што беше примерот со Газа“, истакна тој.