свет

Потврдено присуство на вирусот „Ковид-19" кај македонски државјанин на бродот под карантин во Јапонија

„Дојде до промена во однос на состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат на бродот „Дајмонд принцес” во Јокохама. Потврдено е присуство на коронавирусот кај еден од нив кој во моментот е хоспитализиран“, се вели во соопштението на МНР

Admir Fazlagic  | 13.02.2020 - Обновена : 14.02.2020
Потврдено присуство на вирусот „Ковид-19" кај македонски државјанин на бродот под карантин во Јапонија (Foto: Arhiva/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија соопшти дека е потврдено присуство на вирусот „Ковид-19" (коронавирус) кај еден од македонските државјани кои се наоѓаат на бродот „Дајмонд принцес“ (Diamond Princess) во Јокохама, Јапонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Согласно најновите информации добиени од јапонските надлежни органи, информираме дека дојде до промена во однос на состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат на бродот „Дајмонд принцес“ во Јокохама, Јапонија. Потврдено е присуство на коронавирусот кај еден од нив кој во моментот е хоспитализиран во здравствена установа во Јапонија“, се вели во соопштението на МНР на Северна Македонија.

„Амбасадата на Република Северна Македонија во Токио е во комуникација со споменатиот македонски државјанин. Воедно, Амбасадата на дневна основа комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на коронавирусот“, се додава во соопштението.

МНР на Северна Македонија на 6 февруари информира дека тројца македонски државјани се на бродот кој е задржан во Јапонија поради присуство на заразени лица од коронавирусот.

Крузерот што се укотви на пристаништето Јокохама во близина на главниот град Токио во Јапонија, на 4 февруари беше ставен под карантин откако кај еден од патниците од Хонгконг беше откриен вирусот „Ковид-19“.

Новиот тип коронавирус за првпат е забележан на 12 декември во кинескиот град Вухан. Комисијата за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морска храна „Хуанан“ под образложение дека кај 27 лица што биле во контакт со тоа место е забележана „мистериозна болест“. 

Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност.

Бројот на починати од коронавирусот изнесува 1.368, додека 59.883 лица се заразени.

Инаку, од 27 јануари на Меѓународниот аеродром во Скопје започнаа превентивни мерки против коронавирусот. Со термална камера се скенираат патниците на летовите од Истанбул и Дубаи, кои имаат врска со регионот во Кина, каде што е жариштето на овој вирус. На аеродромот се активирани и лекарски екипи што прават преглед на сомнителните патници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.