Alyssa Mcmurtry
22 Јуни 2026•Ажурирано: 22 Јуни 2026
Шпанскиот Врховен суд денес го осуди поранешниот министер за транспорт, Хосе Луис Абалос, на 24 години и три месеци затвор за корупциja поврзанa со набавката на заштитни маски за време на пандемијата на КОВИД-19, јавува Анадолу.
Оваа судска одлука е првата пресуда во таканаречениот случај „Колдо“, обемен корупциски скандал кој ја потресе Социјалистичката партија на премиерот Педро Санчез и иницираше повеќе поврзани истраги.
Абалос, поранешен близок сојузник на Санчез и некогашен организациски секретар на владејачката Социјалистичка партија, беше прогласен од судот за виновен за криминално организирање, примање поткуп, затајување средства и злоупотреба на влијание.
Поранешниот советник на Абалос, Колдо Гарсија, исто така е осуден на повеќе од 19 години затвор. Бизнисменот Виктор де Алдама доби казна затвор од четири и пол години, но беше поштеден од итно издржување на казната доколку исполни одредени услови.
Обвинителите тврдеа дека тројцата формирале криминална мрежа користејќи ја министерската функција на Абалос за да остварат нелегален приход преку јавни договори доделени за време на пандемијата.
Судот утврди дека компанија поврзана со Алдама добила договори за набавка на 13 милиони маски за две претпријатија во државна сопственост под ингеренција на Министерството за транспорт за време на пандемијата.
Судиите исто така утврдија дека Абалос добивал по 10.000 евра месечно од оваа шема, како и дека две жени поврзани со поранешниот министер биле вработени во јавни претпријатија.
Според пресудата, Алдама му обезбедил сместување и други бенефиции на Абалос и на лица блиски до него, вклучително и апартмани во Мадрид и во јужна Шпанија. Судот утврди дека дел од тие бенефиции биле поврзани и со спасувањето на „Ер Еуропа“ и доделувањето лиценца за јаглеводороди.
Случајот стана еден од политички најштетните корупциски скандали со кои се соочува Владата на Санчез, иако Абалос беше исклучен од Социјалистичката партија откако беше опфатен со истрагата.
Големата афера „Колдо“ оттогаш се прошири надвор од договорите за јавни набавки за време на пандемијата, и опфати посебни истраги за наводни манипулации со договори за јавни работи, илегални провизии и сомнителни готовински исплати поврзани со високи политички лица.
Скандалот придонесе за падот на Сантос Сердан, наследникот на Абалос на позицијата организациски секретар на Социјалистичката партија, кој се наоѓа под посебна истрага.
Опозициските партии постојано ја наведуваат оваа афера во своите повици до Санчез за распуштање на Парламентот и распишување предвремени избори.