Mücahithan Avcıoğlu
08 Мај 2026•Ажурирај: 08 Мај 2026
Според податоците кои ги собра Агенција Анадолу за пловидбата на бродовите, во последните 24 часа, заклучно со денес до 9:00 часот по Гринич, ниту еден поголем комерцијален брод не поминал низ Ормускиот Теснец. Со ова се заокружува периодот од полни 48 часа без транзит на ваков вид пловила низ овој спорен воден премин.
Нетранзитирањето на бродовите низ овој премин доаѓа како последица на обновените тензии меѓу САД и Иран и зголемените безбедносни ризици, што дополнително ги продлабочи нарушувањата во еден од најкритичните светски коридори за транспорт на енергенси.
Во изминатите неколку недели, бројот на трговски бродови кои транзитираат низ овој премин забележа остар пад. Голем број оператори ги пренасочуваат своите бродови или целосно го избегнуваат Персискиот Залив поради нападите врз пловилата, попречувањето на сигналните системи и неизвесноста околу условите за безбеден транзит.
Најновиот прекин на сообраќајот следува по информациите за наводни судири меѓу иранските и американските сили во и околу Ормускиот Теснец.
Иранските поморски сили вчера во доцните часови наводно нападнале три американски воени бродови во Теснецот, додека американската војска, според информациите, возвратила со воздушни напади насочени кон иранските пристаништа Кешм и Бандар Абас.
Ебрахим Золфакари, портпарол на Централниот штаб „Хатам ал-Анбија“ на Иран, изјави дека американската војска го прекршила договорот за прекин на огнот со нападот врз ирански нафтен танкер.
Золфакари исто така наведе дека на американските сили им било цел уште едно пловило кое влегувало во Ормускиот Теснец во близина на брегот на Фуџајра, Обединетите Арапски Емирати.
Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) тврди дека Иран извршил „неиспровоцирани“ напади врз американските поморски пловила кои транзитирале низ Теснецот и дека американските сили одговориле „во самоодбрана“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека трите американски разурнувачи, кои наводно биле цел на напад на Иран, не претрпеле никакви оштетувања. Бродовите се движеле низ Ормускиот Теснец кон Оманскиот Залив во време кога се случил инцидентот.
„На трите разурнувачи не им е нанесена никаква штета, но затоа е предизвикана голема штета кај иранските напаѓачи“, изјави тој.
- Три празни карго брода на Иранската танкерска компанија успеаја да ја пробијат американската блокада -
Тензиите дополнително се зголемиле, откако три празни карго танкери во сопственост на Националната иранска танкерска компанија во изминатите два дена ја пробиле линијата на блокадата на американската морнарица. Бродовите се враќале кон Иран преку ексклузивната економска зона на Пакистан, соопшти денес компанијата за поморско разузнавање „Танкер трекерс“.
Трите пловила имаат вкупен капацитет за транспорт на сурова нафта од 5 милиони барели, соопштија од компанијата.
Од „Tанкер трекерс“ соопштија дека присуството на два од танкерите е потврдено преку сателитски снимки, додека третото пловило, „Хасна“, се појавило на Системот за автоматска идентификација (АИС) доцна вчера во близина на брегот на Шинас, Оман, на околу 254 наутички милји, односно 470 километри западно од линијата на блокадата.
Во последните неколку дена, веќе биле забележани ретки и ризични транзити низ овој воден коридор на пловила поврзани со Западот. Бродот „ЦМА ЦГМ Саигон“, кој е во француска сопственост, доцна во средата повторно се појави кај брегот на Оман, откако претходно исчезна од радарите во Персискиот Залив. Се претпоставува дека бродот го поминал Теснецот со исклучен систем за автоматска идентификација за да остане незабележан, бидејќи во тој дел често се попречуваат ГПС-сигналите.
Во вторникот, уште едно француско пловило , „ЦМА ЦГМ Сан Антонио“, било нападнато додека пловело низ Теснецот, при што биле повредени членовите на екипажот и нанесена штета на бродот.
Најновиот прекин на сообраќајот следува и по пријавениот напад врз голем нафтен танкер во кинеска сопственост што се случил во понеделникот во близина на Ормускиот Теснец. Инцидентот наводно се случил во близина на пристаништето Ал Џир во Обединетите Арапски Емирати и предизвикал пожар на палубата на бродот.
Морнарицата на иранската Исламска револуционерна гарда во средата изјави дека бродовите ги почитуваат новите регулативи одредени од Техеран за транзит низ Ормускиот Теснец.
Морнарицата на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) претходно упати апел до пловилата да ги користат исклучиво одредените рути при транзитирање низ Теснецот, предупредувајќи дека секое отстапување ќе се смета за небезбедно и би можело да предизвика „решавачка акција“.
Ормускиот Теснец го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море и претставува клучна артерија за глобалната трговија со нафта, течен природен гас и деривати. Нарушувањето на сообраќајот низ овој воден коридор ја обнови загриженоста во однос на безбедноста на глобалното снабдување и даде дополнителен поттик за раст на цените на нафтата.