İlayda Çakırtekin
21 Мај 2026•Ажурирај: 21 Мај 2026
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денес објави дека има намера веднаш да го повика израелскиот отправник на работите во Варшава, од кого ќе се побара извинување за односот на министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир кон активистите од флотилата за Газа, јавува Анадолу.
„Дадов инструкции веднаш да биде повикан израелскиот отправник на работите во Варшава за да го пренесе нашиот гнев и да побара извинување за крајно несоодветното однесување на членот на израелската Влада“, објави Сикорски преку американската компанија за социјални медиуми Х.
Тој го изрази негодувањето на Полска за третманот на израелските власти кон активистите и побара итно ослободување на полските државјани, повикувајќи на третман „во согласност со меѓународните стандарди“.
„Фактот што Министерството за надворешни работи ги советуваше полските граѓани да не патуваат во Израел и Палестина не значи дека прифаќаме кршење на нивните права и достоинство. Безбедноста на нашите граѓани останува наш највисок приоритет“, додаде Сикорски.
Изјавата на Сикорски следуваше откако Бен-Гвир објави видео на социјалните мрежи на кое се гледа како ги исмева пропалестинските активисти, кои беа врзани со пластични стеги и принудени да клечат, откако беа приведени од израелските сили во меѓународните води.
Министерот предизвика гнев како на домашен, така и на меѓународен план откако го објави едноминутното видео.
Хуманитарната Глобална флотила Сумуд во вторникот соопшти дека сите 50 бродови од нејзиниот конвој биле запленети од Израел.
Фотилата, која превезуваше 428 лица од 44 земји, тргна минатиот четврток од турскиот регион Мармарис во нов обид да ја пробие нелегалната израелска блокада наметната врз Појасот Газа од 2007 година.