Mohammad Sıo
15 Февруари 2024•Ажурирај: 20 Февруари 2024
РАМАЛА (АА) - Палестинската министерка за здравство Маи Алкаила предупреди за непосредна хуманитарна катастрофа во болницата Насер во градот Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Израелската армија ја опсади болницата и нареди евакуација на комплексот.
Според очевидци, армијата, наводно, на илјадници раселени Палестинци кои се во комплексот им дала рок до 7:00 часот по локално време (5:00 часот по Гринич) да се евакуираат од болницата.
Израелските сили упаднаа во болницата утринава, предизвикувајќи паника меѓу раселените лица и пациентите, изјавија очевидци.
Најмалку еден Палестинец загина, а неколкумина беа повредени во израелскиот напад што вчера беше извршен врз одделот за ортопедија во болницата.
„Ова е ново злосторство извршено од израелската окупација врз нашиот народ во Појасот Газа“, се вели во соопштението на Алкаила.
Таа апелираше до Обединетите нации да интервенираат за „запирање на израелските злосторства“ во болниците во Газа.
„Раселените побараа засолниште во болницата за да ја избегнат израелската агресија“, рече Алкаила.
„Нема безбедно место во енклавата.“
Од 22 јануари Хан Јунис беше сведок на масивна израелска копнена инвазија, принудувајќи десетици илјади жители на градот да избегаат од силното израелско бомбардирање.
Во израелската офанзива врз Газа од 7 октомври досега загинаа повеќе од 28.000 луѓе и се предизвика масовно уништување и недостиг на неопходни работи.
Според Обединетите нации, израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението на територијата внатрешно да се раселат поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.