Safiye Karabacak
23 Февруари 2023•Ажурирај: 24 Февруари 2023
РАМАЛА (АА) - Премиерот на Палестина, Мохамад Штаех, вчера упати повик до Европската Унија да ја „прекине својата политика на двојни стандарди која го охрабрува Израел да продолжи со нападите“, пренесува Анадолу.
„Штаех во својата канцеларија во Рамала разговараше со шефицата на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Палестина, Маргарет Окен“, се вели во соопштението што го објави Кабинетот на премиерот.
На состанокот присуствуваше и претставникот на Европската Унија за Палестина, Свен Кихн фон Бургсдорф.
Штаех ја извести делегацијата за сѐ почестите прекршувања на Израел кон Палестина и нападот врз градот Наблус на Западниот Брег.
Тој ја повика ЕУ да „преземе казнени мерки со цел да се запрат израелските кршења на меѓународното право во Палестина“.
Израел денеска започна воздушни напади врз цели во Појасот Газа, откако од таа територија се исфрлени ракети, известија локалните медиуми, повикувајќи се на изјавите на израелската војска.
Ден претходно, израелските сили спроведоа рација на неколку локации во Наблус, кој се наоѓа во северниот дел на окупираниот Западен Брег.
Во околината на една куќа која се наоѓа во историскиот Стар Град на Наблус, на протестот на Палестинците поради рацијата, израелските војници одговорија со вистински куршуми, при што убија најмалку 11 цивили, меѓу има и дете, а повредени се над 100.
Министерството за здравство на Палестина вчера соопшти дека израелските сили убиле 62 Палестинци од почетокот на годината.