Riyaz Khaliq Khaliq
18 Јуни 2026•Ажурирано: 18 Јуни 2026
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф денес го потпиша Меморандумот за разбирање од Исламабад, договорен меѓу САД и Иран за ставање крај на војната, јавува Анадолу.
Пакистан е главниот посредник меѓу САД и Иран, откако обезбеди прекин на огнот на 8 април и беше домаќин на преговори на највисоко ниво меѓу двете земји на 12 и 13 април, што се први такви разговори откако тие ги прекинаа дипломатските односи во 1979 година.
Според соопштението од Кабинетот на пакистанскиот премиер, Шариф го потпишал Меморандумот од Исламабад во својство на „посредник“.
Потписот на Шариф следува по електронските потписи на американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан синоќа.
Шариф претходно денес објави дека историскиот Меморандум од Исламабад меѓу САД и Иран стапил на сила веднаш.
Шариф на американската компанија за социјални медиуми Х напиша дека „Меморандумот за разбирање од Исламабад“ бил електронски потпишан од претседателите на САД и Иран и поддржан од Пакистан во неговата улога на посредник.
Според условите на Меморандумот, Иран веднаш ќе го отвори стратегиски виталниот Ормуски Теснец, додека САД ќе ја укинат поморската блокада, соопшти пакистанскиот лидер.
Набргу откако САД и Израел ги започнаа воените дејствија на 28 февруари, Иран го затвори Ормускиот Теснец, а подоцна, на 13 април, американските сили воведоа блокада на иранските пристаништа – правејќи го преминот на комерцијалните бродови низ клучниот воден пат речиси невозможен.