Islam Uddin
26 Мај 2026•Ажурирано: 26 Мај 2026
Пакистан денес го поддржа предлогот на Кина за формирање светска организација за соработка во областа на вештачката интелигенција, се наведува во заедничкото соопштение, пренесува Анадолу.
Соопштението беше објавено по завршувањето на четиридневната официјална посета на премиерот Шехбаз Шариф на Кина, во рамките на која оствари средба со претседателот Си Ѓинпинг, премиерот Ли Ќијанг и со други официјални кинески претставници.
„Пакистан ја поддржува кинеската иницијатива за основање светска организација за соработка во областа на вештачката интелигенција, верувајќи дека тоа претставува конкретен чекор кон унапредување на развојот на вештачката интелигенција за доброто на сите, и ќе соработува со Кина за унапредување на глобалното управување и меѓународната соработка во оваа сфера“, се наведува во соопштението.
Меѓународната иницијатива на Кина, што беше лансирана во 2025 година, предлага глобална рамка за управување со вештачката интелигенција, со фокус на унапредување на прекуграничната соработка.
Според соопштението, двете страни ја потврдиле својата посветеност кон продлабочување на стратегиското партнерство за соработка во сите временски услови меѓу Кина и Пакистан и за унапредување на Кинеско-пакистанскиот економски коридор (ЦПЕЦ 2.0), вклучувајќи нови индустриски зони, истражувања на минерални суровини и енергетски проекти.
Тие исто така се договорија за унапредување на соработката во рударството, истражувањата на нафта и гас, како и за развојот на индустриските зони приспособени за локални услови.
Кина и Пакистан соопштија дека би ја зголемиле соработката во областа на вештачката интелигенија, дигиталната економија, научните иновации, како и безбедноста на синџирот за снабдување, истовремено проширувајќи ја соработката во земјоделството по завршување на обуката на 1000 пакистански земјоделски техничари во Кина.
Пекинг исто така вети континуирана поддршка за земјоделската продуктивност на Пакистан и за пристапот на пакистанските производи до пазарот.
Двете страни ја нагласија соработката во областа на безбедноста, координацијата во борбата против тероризмот и заштитата на кинескиот персонал во Пакистан, истовремено потврдувајќи ја поддршката за регионалната стабилност.
Во соопштението исто така беа нагласени плановите за проширување на соработката во областа на вселенските истражувања, вклучувајќи и обука за пакистанските астронаути во Кина.