Ekip
16 Август 2022•Ажурирај: 18 Август 2022
КАРАЧИ
Најмалку 20 лица загинаа во судир на патнички автобус и цистерна со нафта, до кој дојде утринава во североисточен Пакистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сообраќајката се случила на автопат во близина на североисточниот град Мултан, кога автобус кој патувал од Лахоре кон Карачи удрил во задниот дел на цистерната, изјави Тахир Вату, заменик-комесарот на Мултан.
Судирот предизвикал голем пожар кој ги зафатил двете возила, при што загинале 20 лица на местото на настанот, додека други шест се здобиле со тешки телесни повреди.
Сликите објавени од окружната управа покажуваат целосно јагленисани возила на средината на патот.
Локалните медиуми пренесуваат дека несреќата се случила бидејќи возачот на автобусот заспал.
Несреќи со фатални последици се чести во оваа јужноазиска земја, главно поради лошите безбедносни и инфраструктурни стандарди.