Servet Günerigök
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Амбасадорката на добрата волја на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) и австралиска актерка наградена со „Оскар“, Кејт Бланшет, упати апел до Советот за безбедност на ОН и меѓународната заедница да им помогнат на Рохинџа муслиманите, малцинска етничка заедница која во Мјанмар со години се соочува со брутални злосторства, јавува Anadolu Agency (АА).
„Слушнав запрепастувачки приказни за брутална тортура, масовно силување на жените, за луѓе што се убивани пред очите на саканите, за деца кои гледале палења на куќите во кои биле затворени нивните дедовци“, изјави Бланшет за време на обраќањето на тематската седница на Советот за безбедност на ОН.
Холивудската дива ги повика членките на Советот за безбедност да ја обезбедат потребната помош за протераните Рохинџа бегалци во Бангалдеш и да работат на создавање услови за нивно враќање во Мјанмар.
„Јас сум мајка и сопственото дете го видов во очите на секое дете на бегалците што ги запознав. Себеси се гледам во секој родител бегалец. Како една мајка може да поднесе да гледа како детето ѝ го фрлаат во оган. Нивните искуства ќе ме следат засекогаш“, порача Бланшет.
Таа додаде уште дека меѓународната заедница претходно веќе ги изневерила Рохинџите и го повика Советот за безбедност да не го стори тоа повторно.
Араканските муслимани се жртви на насилство од 1970-тите години и се принудени на напуштање на своите домови во Мјанмар и бегство во соседните земји.
Станува збор за малцинство кое во законски рамки од 1982 година остана без право на државјанство во Мјанмар. ОН претходно Рохинџа муслиманите ги прогласи за едно од најзагрозените малцинства во светот што е изложено на дискриминација по верска, правна, економска и секоја друга основа.
Настаните кои драмата на араканските муслимани ја ставија во фокусот на светската јавност се случија на 25 август минатата година.
Под плаштот на борба против милитантските напади врз полициските пунктови, мјанмарската Војска и будистичките милитанти тој ден тргнаа во брутални напади врз Рохинџите, во кои свирепо се убиени повеќе од 24.000 припадници на тоа малцинство.
Нападите прераснаа во класичен облик на етничко чистење, а мјанмарската Војска запали стотици муслимански села. Од тој регион над 750.000 муслимани побегнаа во соседен Бангладеш.