Ömer Faruk Yıldız
21 Јуни 2022•Ажурирај: 22 Јуни 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Фелипе Гонсалес Моралес, специјалниот известувач на Обединетите нации (ОН) за правата на мигрантите, информираше дека најмалку 17.000 мигранти кои се обиделе да стигнат до Грција по морски пат се вратени назад во Туркије, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот „Практики за враќање назад“ објавен на веб-страницата на Европскиот совет за бегалци и прогонети (ECRE) со седиште во Брисел, Моралес наведува дека туркањето назад на бегалците и мигрантите стана де факто државна политика во европските земји и дека оваа практика продолжува и покрај предупредувањата на меѓународните организации.
Моралес ја предупреди меѓународната заедница за обидите да се прикријат таквите практики.
Во извештајот, од европските земји разгледани се практиките на Грција, Естонија, Финска, Велика Британија и Франција, за враќање назад на мигрантите кои се обидуваат да стигнат до тие земји по морски пат.
Исто така разгледани се и практиките за враќање назад на мигрантите од администрацијата на кипарските Грци и Доминиканската Република.
- Грција ги упатува барањата во Туркије (Турција) -
Во извештајот, нашироко се наведени практиките на Грција, која барањата на мигрантите од Авганистан, Бангладеш, Пакистан, Сомалија и Сирија ги упатува во Туркије како „трета безбедна земја“ од јуни 2021 година. Исто така се наведува дека досега повеќе од 6.400 барања се одбиени.
Меѓу другото, во извештајот се потенцира дека враќањето назад на мигрантите станало државна политика и дека според последните податоци на Високиот комесаријат на ОН за бегалци, има околу 540 случаи на оттурнување во периодот 2020-2021 година и дека најмалку 17.000 мигранти биле принудени да се вратат во територијалните води на Туркије.
Исто така се забележува дека во Грција стапката на одбивање на барањата на мигрантите се зголемила за 126 отсто во последните 2 години.
- Забрана за доброволните организации кои спасуваат мигранти -
Покрај другото, во извештајот се споменува и за законот што го донесе грчката Влада минатата година, со кој активностите на доброволните организации за спасување на мигрантите блокирани близу грчкиот брег се ограничени или пак, условени.
Во извештајот вклучен е и договорот за „враќање мигранти“ потпишан од администрацијата на кипарските Грци и либанската Влада во март 2020 година.
Се забележува дека многу мигранти кои се обиделе да преминат во администрацијата на кипарските Грци со чамци биле насилно враќани назад.