Bayram Altuğ
14 Септември 2020•Ажурирај: 15 Септември 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Во Канцеларијата во Женева, Швајцарија, започна 45. седница на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН), јавува Агенција Анадолија (АА).
Мишел Бачелет, високата комесарка за човекови права на ОН, на Советот во чиј состав влегуваат 47 земји членки, упати предупредување во врска со глобалните проблеми.
Потсетувајќи дека пожарот што избувна во бегалскиот камп „Мориа“ на грчкиот остров Лезбос негативно влијаел врз животите на илјадници мигранти, Бачелет упати повик до земјите членки на ЕУ заеднички да се солидаризираат по ова прашање и да преземат одговорност.
Без да именува некого, Бачелет регираше против истуркувањето на нерегуларните мигранти од копнените и поморските граници на Грција кон Турција и истакна: „Извештаите во кои се наведуваат активности на бркање од копнените и морските граници на земјите членки на ЕУ и масовните депортации претставуваат кршење на законските обврски и можат да имаат сериозни последици по животот и правата на мигрантите.“
Повикувајќи на независна истрага за ваквиот третман врз нерегуларните мигранти, Бачелет потсети дека земјите имаат обврска да соработуваат, со цел обезбедување заштита на животот и човековите права на мигрантите, без оглед на нивниот административен статус.
- Повик за истрага во врска со експлозијата во Либан -
Во своето обраќање Бачелет рече дека политичката, социоекономската и финансиска криза втурнала во сиромаштија 55 отсто од населението на Либан, потенцирајќи дека овој процент е двојно зголемен во однос на минатата година.
Таа ИСТАКНА дека експлозијата што на 4 август се случи во Бејрут, покрај средствата за живот на жителите на Либан, ја уништила и нивната надеж.
Потенцирајќи дека е многу важно да се најдат одговорните за експлозијата, Бачелет упати повик за непристрасна, независна и транспарентна истрага.
45. седница на Советот завршува на 6 октомври.