Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
09 Април 2025•Ажурирај: 10 Април 2025
Обединетите нации (ОН) денес соопштија дека израелските власти од 18 март одбиле најмалку 68 отсто од нивните обиди за координирање на влезот на хуманитарна помош во Појасот Газа, јавува Анадолу.
Повикувајќи се на Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања (OCHA), портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, за хуманитарните операции во Газа рече дека се „сериозно ограничени“.
„Тоа се должи на проширувањето на воените операции, како и на тековната блокада на хуманитарната помош и комерцијалните стоки што трае повеќе од пет недели“, рече тој на прес-конференција.
Нагласи дека имало „смртоносни напади врз хуманитарните работници и хуманитарните објекти“.
„Во меѓувреме, само од вчера, израелските власти одбија осум од 14 обиди на хуманитарните работници на ОН да го координираат пристапот до луѓето на кои им е потребна итна помош“, изјави Дужарик.
Посочи дека „од интензивирањето на нападите на 18 март израелските власти одбија 68 отсто од 170 обиди на ОН да го координираат пристапот до луѓето низ Појасот Газа и да помогнат со хуманитарна помош“.
Истакнувајќи дека Израел продолжува „да ги одбива сите обиди за собирање на резервите што беа донесени во Газа и оставени на премините пред затворањето на влезот за карго на 2 март“, Дужарик нагласи дека „овие одбивања ги спречуваат хуманитарците да реализираат клучни и спасувачки мисии“.
„И покрај сè попредизвикувачките услови, ОН и нивните хуманитарни партнери остануваат посветени на останувањето и испораката“, рече тој.
Израелската армија го продолжи својот смртоносен напад врз Газа на 18 март, убивајќи речиси 1.400 Палестинци, ранувајќи над 3.400 – со што го прекрши договорот за прекин на огнот и размена на затвореници, постигнат во јануари.
Минатата недела израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ги ескалира нападите врз Газа додека продолжуваат напорите за спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.
Од октомври 2023 година досега над 50.700 Палестинци се убиени во Газа во бруталните израелски напади, а повеќето од жртвите се жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.