Rabia İclal Turan
28 Септември 2023•Ажурирај: 29 Септември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Вкупно 1.264 Палестинци во моментов се наоѓаат во административен притвор во Израел, соопшти специјалниот координатор на Обединетите нации за Блискиот Исток, Тор Венесланд, јавува Анадолу.
Бројката, според претставникот на ОН, е најголема во повеќе од една деценија.
„Израелските безбедносни сили извршија 1.042 операции за потрага и приведување на Западниот Брег, што резултираше со приведени 1.504 Палестинци, меѓу кои и 88 деца“, изјави Венесланд пред Советот за безбедност на ОН.
„Во текот на периодот од 15 јули до 19 септември, 68 Палестинци, меѓу кои 18 деца, се убиени од израелските безбедносни сили за време на демонстрации, судири, безбедносни операции, напади или наводни напади врз Израелци и други инциденти“, соопшти тој.
„Вкупно 2.830 Палестинци, од кои 30 жени и 559 деца, се повредени, а 271 од нив се повредени со боева муниција и 2.119 со вдишување солзавец“, истакна претставникот на ОН.
„Покрај тоа, двајца Палестинци загинаа, а 73 се повредени, од кои три жени и 12 деца, при високото ниво на напади од еврејските доселеници“, рече тој.
„Недостигот од парични средства продолжува да ја поткопува можноста на ОН да обезбедат клучни услуги за Палестинците“, нагласи Венесланд.
„На Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA) итно ѝ требаат 75 милиони долари за продолжување на помошта во храна до крајот на годината за 1,2 милиони Палестинци во Газа“, рече Венесланд.
„Светската програма за храна бара 32 милиони долари за враќање на социјалната помош на приоритетните семејства низ окупираните палестински територии“, истакна тој.