Beyza Binnur Dönmez
23 Јули 2026•Ажурирано: 23 Јули 2026
Експертите на ОН денес го осудија продолжувањето на непријателствата меѓу САД и Иран, предупредувајќи дека новите борби ги загрозуваат цивилите, регионалната стабилност и напорите за ставање крај на конфликтот само неколку недели по потпишувањето на Меморандумот за разбирање од 14 точки, јавува Анадолу.
Во соопштението експертите истакнаа дека напуштањето на обврските според договорот „ги нарушува изгледите за мир, им штети на човековите права на жртвите од војната и ја поткопува заемната доверба во договорите што е неопходна за трајно ставање крај на конфликтот“.
Тие нагласија дека воените напади во текот на ноќта и контранападите меѓу 12 и 13 јули претставуваат сериозна ескалација, со пријавени последици во неколку земји од регионот. Исто така, изразија загриженост поради нападите врз комерцијалните бродови во Ормускиот Теснец, нагласувајќи дека нарушувањето на пловидбата и трговскиот транзит ги загрозува цивилните поморци и влијае врз светската трговија.
„Цивилите низ целиот регион не смее да ја плаќаат цената на овој конфликт“, изјавија експертите, повикувајќи ги сите страни да ги почитуваат меѓународните човекови права и хуманитарното право, вклучително и принципите на раздвојување, пропорционалност и претпазливост.
Експертите се повикаа на извештаите за напади врз пристаништа, транспортни врски, енергетска инфраструктура и постројка за десалинизација во Иран, како и за проектили што паднале во близина на нуклеарната централа Бушер. Според иранското Министерство за здравство, загинати се 50 лица, а над 500 се повредени.
„Заштитата на цивилите и цивилната инфраструктура во Иран, регионот и пошироко мора да биде непосреден приоритет. Мора да престане нарушувањето на значајната поморска трговија, што ја загрози егзистенцијата на луѓето низ светот“, нагласија тие.
Тие апелираа до сите страни за деескалација на конфликтот и враќање на преговорите.