Bayram Altuğ
23 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) објавија дека најмалку 977 цивили ги загубиле животите во Украина за време на руско-украинската војна. Во руските напади повредени се 1.594 цивили, а 3.626.546 лица избегаа во соседните земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) објавени се податоци добиени од различни извори во врска со бегалската криза во Украина.
Се наведува дека во периодот од 24 февруари до 22 март, 3.626.546 лица од Украина избегале во соседните земји, од кои повеќето од половината во Полска.
Најголемиот дел бегалци пребегале во соседните земји Полска (2.144.244), Романија (555.021) и Молдавија (371.104), додека во периодот од 21 до 23 февруари, во Русија избегале 113.000 лица од регионите Доњецк и Луганск.
Познато е дека стотици илјади бегалци кои од Украина избегаа во соседните земји, оттаму заминаа во други европски земји.
Од друга страна, Меѓународната организација за миграција (ИОМ) поврзана со ОН, објави дека 6,48 милиони цивили се раселени во Украина, со што вкупниот број на раселени Украинци заедно со оние кои избегаа во соседните земји достигна 10 милиони.
- Најмалку 977 цивили ги загубија животите -
Високиот комесаријат за човекови права на ОН објави дека најмалку 977 цивили се убиени, а 1.594 цивили се повредени во руско-украинската војна во периодот од 24 февруари до 22 март.
Во соопштението се наведува дека бројката на загинати и повредени цивили можно е да биде многу поголема од утврдената.
ОН ги објавуваат само бројките на цивилните жртви во Украина што можат да се потврдат. Според украинските власти, бројката на цивили кои загинаа во руско-украинската војна е изразена во илјадници.
Во вчерашното соопштение на Светската здравствена организација (СЗО) се наведува дека од 24 февруари досега, во Украина се регистрирани 62 напади врз здравствени установи, во кои загинаа 15, а 37 лица се повредени.