Serdar Dincel
15 Јуни 2026•Ажурирано: 15 Јуни 2026
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денес го поздравија постигнатиот договор меѓу САД и Иран, повикувајќи на „целосно почитување“ на договорот, јавува Анадолу.
Министерството за надворешни работи на ОАЕ во соопштение ја нагласи важноста од целосно почитување на одредбите од договорот, со цел да се осигури итно и целосно прекинување на воените дејства во регионот.
Министерството повика на почитување на државниот суверенитет и принципите на добрососедските односи, како и на „строго почитување на меѓународното право и заштита на поморските патишта и слободата на меѓународното пловење, вклучително и непреченото пловење низ Ормускиот Теснец.
Министерството изрази благодарност за напорите на американскиот претседател Доналд Трамп и на другите страни вклучени во процесот на посредување за постигнување на договорот.
Исто така, се повикува на продолжување на преговорите „за да се надгради постигнатиот напредок и да се постигнат одржливи резултати“.
Министерството ја повтори поддршката на ОАЕ „за сите напори насочени кон зајакнување на безбедноста и стабилноста и поттикнување на дијалогот и дипломатијата како примарно средство за решавање на регионалните и меѓународните кризи“.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека е финализиран договорот со Иран за прекин на војната на сите фронтови, вклучително и во Либан, повторно отворање на Ормускиот Теснец и прекинување на американската поморска блокада на иранските пристаништа.