Mohammad Sio
23 Јуни 2026•Ажурирано: 23 Јуни 2026
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека Израел мора да ја намали својата зависност од странска поддршка и да воспостави независен систем за вооружување, во екот на несогласувањата меѓу неговата Влада и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Анадолу.
За време на обраќањето пред офицерите од резервниот состав што посетуваат обука во нелегалниот блок населби Гуш Ецион на окупираниот Западен Брег, Нетанјаху истакна дека Израел ја цени помошта што ја добива од Вашингтон, но мора да ги зајакне сопствените капацитети.
„Исклучително ја ценам поддршката што Израел ја доби од нашите американски пријатели, но мора да се ослободиме од зависноста и да воспоставиме наш независен систем на вооружување“, истакна Нетанјаху, објави израелски „Инет“ .
Тој посочи дека Израел мора да продолжи со експанзијата на својата воена моќ и технолошките капацитети.
„Мора да се ослободиме од зависноста, да развиваме сè поголема моќ, да воведуваме сè повеќе технологија и да обучуваме сè повеќе генерации команданти како вас – бидејќи тоа е она што на крајот ќе одреди каде ќе се наоѓаме“, рече тој.
Ваквите изјави доаѓаат во време на сè поголеми несогласувања во израелските политички и безбедносни кругови во однос на меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, како и околу нивните можни последици за завршување на војната на либанскиот фронт.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс минатиот четврток упати остри критики до министрите во Владата на Нетанјаху поради нивното противење на договорот меѓу САД и Иран.
„Доколку јас бев член на Кабинетот на израелската Влада, можеби немаше да го напаѓам единствениот моќен сојузник што ми останал во целиот свет“, изјави Венс.
„Во текот на изминатите три месеци две третини од одбранбеното оружје што ја заштити вашата татковина беше изработено од рацете на Американците и платено од парите на американските даночни обврзници. Проблемот за Израел не е Доналд Џ. Трамп и секој во Израел што мисли дека нивниот најголем проблем е претседателот на Соединетите Американски Држави, треба да се разбуди и да се соочи со реалноста на ситуацијата во која се наоѓа таа земја“, додаде тој.
Иран и САД на 14 јуни објавија дека склучиле меморандум за разбирање од 14 точки со посредство на Пакистан, насочено кон ставање крај на војната и решавање на отворените спорови преку дијалог и преговори.
Меморандумот, познат како „Исламабадски договор за разбирање“, стапи на сила на 18 јуни откако беше електронски потпишан од иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и американскиот претседател Доналд Трамп.
Според договорот, предвидени се мерки за ставање крај на воените дејства, вклучително и во Либан, повторно отворање на Ормускиот Теснец и укинување на американската поморска блокада наметната на Иран.