Ikrame Imane Kouachi
25 Октомври 2024•Ажурирај: 26 Октомври 2024
ГАЗА (АА) - Неколкумина од медицинскиот персонал беа повредени кога израелската армија денес повторно ја нападна болницата „Камал Адван“ во Беит Лахиа, Северна Газа, со артилериско гранатирање и истрели, а армиските сили подоцна упаднаа во здравствената установа за да ја оштетат опремата што е клучна за спасување животи, јавува Анадолу.
Медицински извори изјавија за Анадолу дека неколкумина здравствени работници во болницата се повредени во израелското артилериско гранатирање и истрелите насочени кон објектот.
Армијата, исто така, ја бомбардираше главната станица за кислород во болницата, што ја направи нефункционална, додаваат тие.
Изворите јавија дека израелските сили упаднале во болницата неколку часа откако била нападната со артилериско гранатирање и истрели.
Мунир Ал-Бурш, од Министерството за здравство на Газа, вчера за Анадолу изјави дека „пациентите и повредените живеат во состојба на терор поради израелското таргетирање на болницата 'Камал Адван' и нејзината околина во северниот дел на Газа, каде што израелската армија 20 дена врши дела на масовно истребување“.
Во меѓувреме, копнените упади и бомбардирањата на израелската армија продолжуваат низ северниот дел на Газа, а силите вршат притисок за принудно раселување на Палестинците.
Израел продолжи со разорната офанзива врз Газа по нападот минатата година од страна на палестинската група на отпор Хамас и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 42.800 луѓе, главно жени и деца, а над 100.500 се повредени.
Израел се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.