Jorge Antonio Gonzalez Rocha
13 Април 2026•Ажурирај: 13 Април 2026
Најмалку 30 лица загинаа во стампедо за време на викендот во планинска тврдина во северниот дел на Хаити, популарна кај туристите, јавува Анадолу.
Инцидентот во Цитадел Лафериер, прогласена за светско наследство на УНЕСКО, се случи за време на годишните свечености кои привлекоа голем број домашни и странски туристи.
Министерот за култура, Емануел Менард, изјави дека обилните дождови во комбинација со преголемиот број посетители довеле до тоа луѓето да бидат згазени и задушени.
Во соопштение за медиумите, Менард потврди дека 13 тела се пронајдени на туристичкото место, додека 17 се однесени во блиската болница. Сепак, бројот на жртви може да се зголеми во наредните часови поради јавувањата за голем број исчезнати лица.
Тој истакна дека повредените примаат медицинска помош, а спасувачка екипа ги бара исчезнатите.
Менард, исто така, рече дека безбедносните сили се распоредени за да ја осигураат областа и дека сите посети на тврдината ќе бидат прекинати во наредните недели.
Владата на премиерот Аликс Дидие Филс-Ем изрази сочувство за загубените животи, им упати сочувство на семејствата на загинатите и ја повика јавноста да остане смирена.
„Сите надлежни органи се целосно мобилизирани и во состојба на висока готовност за да ја обезбедат потребната помош, грижа и поддршка на погодените и нивните најблиски“, се вели во соопштението за медиумите.