Islam Uddin
29 Мај 2026•Ажурирано: 29 Мај 2026
Населението на Јапонија се намали на нешто повеќе од 123 милиони жители, при што ова претставува најголем пад на бројот на населението во историјата на земјата во период од пет години, покажуваат првичните податоци од пописот во 2025 година, кои денес ги објави јапонскиот јавен сервис НХК, пренесува Анадолу.
Јапонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека населението изнесувало 123.049.524 жители заклучно со 1 октомври 2025 година, што е за повеќе од 3 милиони луѓе, или 2,5 отсто помалку во споредба со претходниот попис спроведен во 2020 година.
Ова е третпат по ред бројот на жители да се намалува, откако Јапонија за првпат регистрираше пад на бројот на населението во 2015 година.
Јапонија спроведува попис на населението на секои пет години, уште од 1920 година.
Меѓу 47-те јапонски префектури, само Токио и Окинава забележаа зголемување на бројот на населението, иако растот е забавен во двата региони.
Преостанатите 45 префектури забележаа пад, при што Хокаидо го регистрираше најголемиот пад на бројот на населението.
И покрај падот на бројот на населението, бројот на домаќинства се искачи на рекордни 57,1 милион, додека бројот на членови по домаќинство падна од 2,26 на 2,15. Официјалните лица соопштија дека ваквиот тренд се должи на сè поголемиот број постари луѓе кои живеат сами.
Се очекува Министерството да ги објави конечните бројки од пописот до септември.