Мосад ја финансира Фондацијата за хуманитарна помош во Газа со цел раселување на Палестинците
Поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман изјави дека „парите за хуманитарната помош доаѓаат од Мосад и Министерството за одбрана“

АНКАРА (АА) - Израелската разузнавачка агенција Мосад е идентификувана како извор на финансирање на т.н. Фондација за хуманитарна помош во Газа (GHF), организација што наводно е формирана за да ги олесни контроверзните хуманитарни операции на Израел во Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Според американскиот весник „Вашингтон пост“, Фондацијата „веќе обезбедила 100 милиони долари од непознат донатор“.
Но, двајца високи опозициски пратеници во Израел тврдат дека вистинскиот донатор е самата израелска Влада, која, според нив, се обидува да ја прикрие својата улога користејќи американски платеници.
Опозицискиот лидер Јаир Лапид ја обвини Владата дека финансира „фантомски компании“, посочувајќи ја Фондацијата за хуманитарна помош во Газа како пример.
Поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман, пак, изјави дека „парите за хуманитарната помош доаѓаат од Мосад и Министерството за одбрана“.
Израелската армија во вторникот соопшти дека воспоставила четири центри за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, тврдејќи дека тие се управувани од меѓународни хуманитарни организации под заштита на ненаведена американска приватна безбедносна компанија која дејствува во енклавата.
Заобиколувајќи ги Обединетите нации и другите меѓународни хуманитарни организации, Тел Авив го користи американски поддржаниот ГХФ како параван за промовирање на својата политика за раселување на Палестинците, преку дистрибуција на помош во т.н. „тампон-зони“ во јужна Газа.
Вклученоста на ГХФ во механизмот за помош контролиран од Израел предизвика загриженост кај хуманитарните актери кои велат дека значајната помош бара постојан пристап до голем обем.
Претходно, неколку Палестинци беа повредени во оган на израелската Армија кога гладни цивили се обидоа да влезат во центар за храна во јужниот град Рафа поддржан од САД, соопштија локалните власти.
„Планот на израелската окупација за дистрибуција на помош во т.н. тампон-зона пропадна катастрофално“, стои во соопштението од медиумската канцеларија на Владата во Газа.
Според нив, израелските сили отвориле оган откако илјадници гладни Палестинци се приближиле до центарот за хуманитарна помош.
Израел ги држи премините кон Газа затворени за храна, медицинска и друга хуманитарна помош од 2 март, влошувајќи ја веќе критичната хуманитарна состојба во енклавата.
Израелската Армија, и покрај повиците од меѓународната заедница за прекин на огнот, продолжува со бруталната офанзива врз Газа од октомври 2023 година, при што досега се убиени над 54.200 Палестинци, повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Газа.
Израел исто така се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите злосторства врз беспомошните цивили во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.