Şerife Çetin
08 Септември 2017•Ажурирај: 09 Септември 2017
ТАЛИН (АА) - Ситуацијата во Мјанмар не е на дневен ред на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, кој се одржува во Талин, главниот град на Естонија, соопшти високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини на заедничката прес-конференција со естонскиот шеф на дипломатијата, Свен Миксер, изјави дека министрите на земјите-членки на ЕУ денес разговарале за прашањата за нуклеарната програма на Северна Кореја, мировниот процес на Блискиот Исток, политичката криза во Венецуела и за радикализацијата и борбата против тероризмот во земјите-кандидати за членство во Унијата.
Таа потсети дека во ЕУ постои начелна согласност за зголемување на санкциите кон Северна Кореја.
Могерини изјави дека е невозможно да се зборува за мировниот процес на Блискиот Исток и истакна оти ЕУ го поддржува дводржавното решение кога се во прашање односите меѓу Израел и Палестина.
На новинарското прашање за ставот на ЕУ во врска со случувањата во Мјанмар, Могерини одговори дека Мјанмар не е на дневен ред.
„Мјанмар не е на дневен ред“, изјви Могерини и додаде дека не сака да зборува за теми што не се на дневниот ред на денешниот состанок.
ЕУ во соопштението од пред неколку дена ги повика сите страни во Мјанмар да ги намалат тензиите, но во тоа соопштение немаше осудување на насилствата над араканските муслимани.