Ekipa
06 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за одбрана на НАТО ќе се состанат на 7 и 8 јуни во Брисел, главниот град на Белгија, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека очекуваат да биде донесена одлука за зголемување на персоналот во командната структура на НАТО за 1.200 лица.
„Очекуваме дека ќе бидат донесени одлуки седиштето на Командата на заедничките сили за Атлантикот да биде во Норфолк, САД, а Командата на единиците за поддршка во Улм, Германија“, изјави Столтенберг.
Тој додаде и дека очекуваат Договорот за Иницијативата за подготвеност на НАТО, во чии рамки сојузниците до 2020 година би требало да имаат 30 механизирани баталјони, 30 воздушни единици и 30 борбени бродови, да се реализира во рок од 30 дена или помалку.
„Не станува збор за поставување или воведување на нови сили, туку за зголемување на подготвеноста на постоечките сили“, појасни Столтенберг.
Генералниот секретар додаде дека министрите за одбрана ќе разговараат за поделбата на товарот и издвојувањата за одбрана.
„Сите сојузници го запреа намалувањето на трошоците за одбрана и започнаа да го зголемуваат буџетот“, изјави Столтенберг.
На состанокот ќе се разговара и за проширувањето на воената обука на мисијата на НАТО и за соработката на ЕУ и НАТО.
Исто така, планирано е една од темите да биде и поддршката на авганистанските сили по 2020 година.